Во Швајцарија се стремат кон непречено извршување на поправките и одржувањето на патиштата без да се попречува сообраќајот. За таа цел, тестираат и радари од новата генерација, кои работат со интегрирани дигитални системи и се прилагодуваат на брзинските ограничувања зависно од ситуацијата.
Првите тестови беа извршени кај Мароджија, на еден дел од автопатот А2, и досега се известува за позитивни искуства – пишува polizeiticker.ch. Наместо традиционалните табли за брзина, дигиталните екрани за брзина станаа референтни. Како дел од проектот на автопатот А2, поставени се вакви табли на одредени делови, кои овозможуваат автоматско прилагодување на прикажаната брзина зависно од сообраќајот, од 120 на 100 на 80 километри/час. Особено внимание е посветено на добро координирање на автоматските промени на брзината меѓу радарите и електронските табли, така што ќе се избегнат неправилно изречени казни за надминување на дозволената брзина на дадениот патен дел.
Вреди да се напомене дека во Швајцарија брзо возење 1 км/ч над дозволеното веќе се смета за прекршок.